Соопштенија

Истрага за производство и дистрибуција на детска порнографија во Струмица

Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела – Прикажување порнографски материјал на дете од член 193 и Производство и дистрибуција на детска порнографија од член 193-а од Кривичниот законик.

Во август 2019 година, осомничените на возраст од 24 и 27 години, присилиле малолетничка која имала наполнето 14 години на снимање слики и видео клипови со порнографска содржина. Тие ја повикале оштетената во напуштен локал во еден трговски центар, каде без нејзина согласност извршиле полови дејствија врз неа и тоа го снимиле. Видеото потоа го направиле достапно, така што преку социјална мрежа го испратиле на трети лица.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, поради опасност од бегство, можност да влијаат врз оштетената/сведокот и можност да го повторат делото. Судијата го прифати предлогот и на осомничните им определи притвор во траење од 30 дена.