Осовното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка за 29-годишен жител на Струга, поради основано сомнение дека извршил кривично дело- Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, со црна капа која му го покривала ликот, на 16.11.2019 година околу 11.40 часот, со намера противправно да присвои туѓ подвижен предмет –парични средства, влегол преку влезната врата до собата за дневен престој во семејна куќа во скопско Лисиче. Тој со себе носел опасно орудие – нож, па откако ја здогледал оштетената, го вперил ножот кон неа барајќи да му ги даде сите парични средства. Оштетената успеала да му ја отргне капата и го видела ликот на осомничениот, по што тој непосредно се заканил дека ќе нападне врз нејзиниот живот и со присилба успеал да одземе 600,00 денари од паричникот на оштетената. По извршеното дело, осомничениот се дал во бегство.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничениот, бидејќи постојат околност кои укажуваат на опасност од бегство, постои страв дека ќе ги сокрие трагите од стореното кривично дело, дека ќе влијае на сведоците, како и особена опасност дека осомничениот ќе го повтори делото. Судот го прифати предлогот и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.