Соопштенија

Истрага за убиство во Битола, побаран притвор за осомничениот

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 21 феавруари, со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка. Според првичните сознанија, сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол „Бајкал“ што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на лице место.

По настанот, јавен обвинител изврши увид и издаде наредби за обдукција на телото на починатиот, за прибирање траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, како и за обезбедување на снимки од видеонадзор на објектот.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да влијае врз сведоците.​