Соопштенија

Истраги против дилери на марихуана во Тетово и Велес

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело  – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

При претрес во домот, на 11 октомври, кај осомничените на возраст од 24 и 22 години биле пронајдени вкупно околу 1,2 килограми наркотична дрога – марихуана и една дигитална вага. За двајцата осомничени јавниот обвинител предложи да биде определена мерка притвор.

За истото кривично дело, Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против едно лице. Кај осомничениот, кој и претходно е осудуван за Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, полицијата во краток период во два наврати пронашла наркотична дрога – марихуана.

Имајќи ги предвид сите околности, надлежниот јавен обвинител му предложи на судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес да определи мерка притвор за осомничениот.