Соопштенија

Извршен увид во Капиштец, едно лице лишено од живот со огнено оружје

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во казино на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, каде едно лице беше лишено од живот утринава.

Според првичните сознанија, починатиот маж на возраст од 46 години, во казиното пристигнал заедно со уште три лица, во видно алкохолизирана состојба. Извесно време играле на апаратите, а потоа жртвата започнал да се расправа и да се турка со едно од лицата со кои бил заедно во казиното. Другите двајца се обиделе да ги раздвојат, но осомничениот извадил пиштол и неколкупати пукал во оштетениот. Потоа со кундакот од пиштолот го удрил повеќе пати во пределот на главата. Жртвата им подлегнала на повредите на лице место. Се трага по лицето за кое постои сомнение дека го извршило убиството.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција. Ќе се врши вештачење на траги и докази подигнати од лице место и ќе се разговара со сведоци на настанот. Обезбедени се снимки од видео надзорот на објектот.​