Соопштенија

Јавен обвинител од ОЈО Гостивар заврши со увидот каде рано утринава беше извршено убиство

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, по завршениот увид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот закон. При увидот презеде низа дејствија во насока на расветлување на кривично правниот настан, издадени се наредби за прибирање на траги од лице место и нивно вештачење, фотографирање и скицирање на местото на настанот.

Настанот се случил утринава околу 4:00 часот, во станот на улицата „Илинденска“ во Гостивар. Осомничениот, поради нерасчистени должничко доверителски односи, влегол во станот на оштетените каде ги затекнал сопругата на оштетениот и нејзината мајка. Со употреба на нож првин ја нападнал 78 годишната старица, а потоа и на оштетената и задал повеќе убодни рани. При излегување од станот го сретнал и го нападнал и оштетениот, по што избегал. Во својот дом тој ја фрлил облеката што ја носел и облекол пожарникарска униформа. Од страна на единицата при Министерството за внатрешни работи по неколку часа бил пронајден и лишен од слобода. Оштетените се пренесени во болница каде старицата починала од зададените убодни рани, а брачниот пар е надвор од животна опасност и по лекарските интервенции се задржани на болничко лекување. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата 78 годишна жена е предадено на обдукција.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Гостивар во текот на денот ќе достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Oбвинителството продолжува со дејствија во насока на расчистување на случајот.