Настани, Соопштенија

Јавниот обвинител Бубевски на состанок посветен на справувањето со хибридните закани

Граѓаните очекуваат од институциите да им ја гарантираат безбедноста, да ги заштитат, но и соодветно да ги санкционираат сите оние кои се обидуваат таа безбедност да ја загрозат. Одговорот кон хибридните закани мора да биде координиран и повеќедимензионален и мора да ги користи и најдобрите практики од понапредните земји во справувањето со ваквите предизвици, истакна основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски во своето обраќање на 11 Сесија на Работната група – 4 „Правда, слобода и безбедност” во рамки на Национална Конвенција на Европската Унија во Република Северна Македонија, која се одржа денеска и беше посветена на справувањето со хибридните закани.

На сесијата беше потенцирано дека како држава, во изминатите месеци се соочувавме со континуирани хибридни закани во форма на лажни дојави за бомби кои се закануваа да го парализираат образовниот процес, но и да ја нарушат работата на други витални институции.

Неколкуте пријави за овие настани кои првично беа поднесени за кривични дела „тероризам“ до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по анализата на сите прибрани докази беа преквалификувани во „лажно пријавување на кривично дело“ и беа префрлени на надлежно постапување во неколку основни јавни обвинителства.

„Она што сакам да го појаснам тука е дека не станува збор за никакво минимизирање на заканите што се предизвикани со ваквите лажни дојави или за релативизирање на потенцијалната безбедносна закана. Едноставно, доказите во секој од овие предмети поединечно не упатуваа дека сторителите биле дел од некоја организирана терористичка група која имала за цел дестабилизација на институциите или загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност или страв кај граѓаните. Во суштина, идентификуваните сторители очигледно го искористиле моментот на хибридните закани, но не биле дел од тој организиран напад со кој се соочивме како држава“, рече Бубевски.

Сепак, кривично-правна одговорност постои, а доколку во претстојниот период се обезбедат докази и се идентификуваат лица кои биле дел од мрежа која делувала со намера да предизвика терористичка безбедносна закана, тие ќе бидат соодветно санкционирани за овој тежок облик на кривични дела.

Бубевски додаде дека би било премногу поедноставено доколку во хибридните закани ги категоризираме единствено дојавите за бомби со кои се соочуваме во последниот период или доколку ваквите закани ги подведеме само во неколку кривични дела. „Она што е можеби најспецифично обележје на хибридните закани е нивниот потенцијал постојано и брзо да ја менуваат формата и средствата за остварување, со што стануваат дополнителен предизвик за нас како институции соодветно да ги превенираме и санкционираме“, нагласи скопскиот основен јавен обвинител.