Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски денеска ги поздрави присутните учесници на тридневната регионална конференција „Взаемна правна помош, екстрадиција и истраги за комјутерски криминал во контекст на борбата против тероризмот и учеството во странски терористички војски“, што започна денеска во Скопје.
Во своето обраќање, г-динот Зврлевски истакна дека борбата против тероризмот и учеството во странски војски е предизвик за градење на цврста интернационална релација која ќе застане на патот на овој вид на кривични дела.
Република Македонија има сериозен пристап во справувањето со овој вид криминал и освен постоење на правна рамка, гради и институционална рамка која значајно ќе придонесе кон соочувањето со овој предизвик, додаде г-динот Зврлевски.
На конференцијата, која е дел од серијата обуки за борба против тероризмот на Балканот во организација на Амбасадата на САД, присуствуваат делегации на Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија и Хрватска. На отворањето на регионалната конференција, покрај Зврлевски, зборуваа и Мајкл Вакаро од Одделот за правда на САД – ОПДАТ, директорот на Бирото за јавна безбедност Горанче Савовски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Љубчо Андоновски.