Претставници на јавните обвинителства во државава и на Државниот завод за ревизија одржаа заедничка работилница во Скопје во насока на унапредување на меѓуинституционалната соработка и на начинот на постапување по ревизорските извештаи.
“Соработката мора да ни биде силна, затоа што целите ни се заеднички. А тие заеднички цели се – вистината и борбата против корупцијата. Тоа го нотира и Европската комисија, која во најновиот извештај за нашата земја, објавен пред два дена, укажува дека е потребен уште посистематски пристап кон наодите од ревизорските извештаи, пред се од страна на владините институции кои треба да ги отстранат слабостите, но и од истражните органи во поглед на постапките против можните злоупотреби. Тој посистематски пристап ние сме подготвени веднаш да започнеме да го градиме и во таа насока е и овој настан”, нагласи Јавниот обвинител Јовески.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Државниот завод за ревизија заеднички ги финализираат посебните интерни упатства на двете институции со кои го регулираат постапувањето и меѓусебната координација.
“Ние мора меѓусебно да соработуваме за да обезбедиме уште поквалитетни ревизорски извештаи врз основа на кои јавните обвинители ќе можат да постапуваат, а обвинителите треба да добијат познавања за начинот на изготвување и содржината на ревизорските извештаи со цел да бидеме поефикасни во работата”, истакна Главниот државен ревизор Максим Ацевски на отворањето на работилницата.
“Дијалогот меѓу овие институции е исклучително важен”, оцени и Дона Костуранова, директорка на Вестминстер фондацијата за демократија во земјава која го поддржа одржувањето на работилницата.
Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски го презентираше начинот на постапување на јавните обвинителства по ревизорските извештаи и доказната вредност на наодите од ревизиите. Тој се осврна на обележјата на најчестите кривични дела кои можат да произлезат од ревизорските извештаи, како и на ефектот од измените во Кривичниот законик врз кривичниот прогон на овие дела.
Помошниците на Главниот државен ревизор Соња Камбовска и Росица Шалевиќ Христовска имаа презентации за најчесто утврдените состојби во ревизорските извештаи и за структурата на ревизорските извештаи.
Оваа работилница е дел од активностите кои следуваат помеѓу двете институции во насока на превенција и борба против корупцијата и обезбедување на законско користење на средствата на даночните обврзници.