Работниот договор за соработка со Европското јавно обвинителство што беше потпишан вчера е најдобар доказ за посветеноста со која Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се стреми кон достигнување на европските стандарди во работењето, истакна Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, честитајќи го 25 октомври – Европскиот ден на правдата.
“За Јавното обвинителство претставува највисок приоритет да обезбеди правда за граѓаните на нашата држава, со што директно ќе придонесе за усвојување на европските вредности во македонското општество”, нагласи Јовески.
Последниот извештај на Европската комисија регистрира умерен напредок на земјава во исполнувањето на обврските од поглавјата 23 и 24, од кои дел ја опфаќаат работата на јавното обвинителство.
“Извештајот ги наведува наредните задачи што ни претстојат во периодот пред нас, но и правилно ги детектира предизвиците со кои се соочуваме, особено во делот на материјалните услови и кадровската екипираност. Тоа се прашања за чие надминување е потребен ангажман на сите ресурси, со цел да се создадат сите неопходни предуслови за побрзо напредување во клучните реформи”, додаде Јовески.