Соопштенија

Јавното обвинителство учествува во работата на новоформираниот Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите

“Слободата на изразување е највисок демократски стандард кој институциите се обврзани да го штитат. Правото на јавноста да биде навремено и точно информирана никој не смее да ги загрозува, а оние кои ќе се обидат тоа да го сторат мора да бидат идентификувани и санкционирани”, истакна Искра Хаџи Василева, основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, која во името на државниот јавен обвинител Ненад Савески го поздрави формурањето на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинари.

Јавната обвинителка Хаџи Василева, која во 2022 година во Основното јавно обвинителство Скопје беше назначена за прв јавен обвинител со задолженија да го следи постапувањето во предметите поврзани со безбедноста на новинарите, нагласи дека со измени во Кривичниот законик нападите врз новинари и медиумските работници во врска со нивните работни задачи практично се изедначија со нападите врз службени лица, што во неколку случаи резултираше со поефикасен кривичен прогон на сторителите.

“Но, за жал, се уште има трендови кои загрижуваат. Тоа се особено онлајн заканите и заплашувањата, посебно насочени кон жени новинарки”, додаде Хаџи Василева.

Во новоформираниот Национален комитет за заштита и безбедност Јавното обвинителство ќе има двајца претставници,  кои заедно со останатите вклучени институции и организации ќе развијат акциски план со конкретни активности, вклучувајќи и протоколи за постапување во случаите на напади врз новинари и загрозување на слободата за изразување.