Настани, Соопштенија

Јовески на средба со членовите на ДКСК

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска, на сопствена иницијатива, оствари средба со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

На средбата, во рамките на активностите за зајакнување на националниот фронт за борба против корупцијата, двете институции ги разгледаа можностите за дополнително унапредување на меѓусебната соработка.

Притоа, Јовески оцени дека по потпишувањето на двостраниот меморандум за соработка, значително е подобрена соработката со Државната комисија за спречување на корупцијата, иако секогаш постои простор директната размена на информации и мислења за конкретни предмети дополнително да се олеснува.

Исто така, јавниот обвинител на членовите на ДКСК им ги презентираше активностите кои ги планира Јавното обвинителство во следниот период и состојбите и предизвиците со кои се соочува обвинителството во рамките на своето постапување.