Соопштенија

Координативна средба меѓу Јавното обвинителство и МВР

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска организираше координативна средба со претставници на Министерството за внатрешни работи, предводени од директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.

Целта на средбата, на која присуствуваа јавни обвинители од неколку јавни обвинителства и шефови на повеќе оддели во МВР, беше дополнително интензивирање на соработката и забрзување на постапувањето во предметите.

На оперативно ниво, беа разгледани повеќе начини и процедури за подобрување на меѓусебната координација со цел зголемување на ефикасноста на кривичниот прогон, а беа разгледани и конкретни предмети во надлежност на обвинителствата во Скопје, Прилеп и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Посебен акцент беше ставен на јакнење на капацитетите за спроведување на финансиските истраги и за форензички и дигитални вештачења.