Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишен маж за кого постои сомнение дека го лишил од живот неговиот 65-годишен татко, со што сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
На 12 јануари, во попладневните часови, на улицата „438“ во Куманово, осомничениот влегол во собата во која престојувале неговите родители, зел кујнски нож и без да биде забележан од мајка му, дошол до креветот на кој спиел неговиот татко и со ножот го прободел во пределот на вратот од левата страна. Како резултат на здобиената повреда, оштетениот обилно искрварил и починал, а осомничениот заминал во соседната соба каде останал до пристигнувањето на полициските службеници.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судијата го прифати предлогот и донесе решение со кое определи мерка притвор во траење од 30 дена, оценувајќи дека лишувањето од слобода е законито.