Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, постапувајќи по Кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи од 04.03.2016 година донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 26 – годишен македонски државјанин. Истражната постапка е поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Криумчарење мигранти од чл.418-б ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик.
Имено, на 03.03.2016 година околу 13:00 часот во близина на казиното „Принцес” кај Гевгелија, осомничениот прифатил и во насока кон Скопје и Куманово, со патничко моторно возило марка БМВ превезувал 13 мигранти, меѓу кои и две малолетни лица.
Надлежниот обвинител, согледувајќи ги околностите што укажуваат дека постојат услови за определување на мерката Притвор – опасност од бегство, особени околности што укажуваат дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците и особени околности што го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување на мерка – Притвор против осомниченото лице. Судијата на претходна постапка по спроведено испитување на странките се согласи дека предлогот за определување на мерката – Притвор е неопходен за непречено водење на кривичната постапка и донесе Решение со кое на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Деветмина од мигрантите кои илегално биле влезени на територијата на Република Македонија се вратени во Република Грција, додека останатите се задржани во својство на сведоци и сместени едно лице во Прифатниот центар за странци лоциран во Гази Баба, а мајка со две деца во Прифатниот центар за баратели на право на азил во Скопје.
Дополнителни информации:
Предметите за сторено кривично дело Криумчарење со мигранти се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во изминатиот период зачестен е бројот на сторители на ова кривично дело поради актуелната бегалска криза. Во Република Македонија, според статистиката за сторителите на ова кривично дело, видно е дека најчесто истото се врши од страна на поединци, поретко од сtрана на организирана група.
Според податоците во обвинителството, само годинава, во периодот од 01.01.2016 година до 07.03.2016 година, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје за сторено кривично дело – „Криумчарење мигранти” по член 418-б Кривичниот законик, во работа примило кривични пријави против 30 полнолетни сторители, од кои шест се странски државјани.
За кривичното дело – „Криумчарење мигранти” по член 418-б ст.2 од Кривичниот законик, односно во случаите во кои жртвите се полнолетни лица, во работа биле кривични пријави против 21 лице, сите полнолетни сторители. Против 10 лица се поднесени обвинителни предлози, за седум лица донесени се пресуди врз основа на предлог спогодби и за четири лица кривичната постапка е во фаза на истрага. За осум лица за кои беше поднесен обвинителен предлог постапката е завршена со донесена пресуда врз основа на признание на вина.
За кривичното дело – „Криумчарење мигранти” по член 418-б ст.4 вв ст.2 од Кривичниот законик, односно во случаите во кои меѓу жртвите има и малолетници, се пријавени девет лица и донесени се наредби за спроведување истражна постапка против сите девет, кои истражни постапки се во тек.
Во пријавените кривично правни настани беа откриени вкупно околу 210 илегални мигранти од кои 16 лица беа малолетни.
Во текот на 2015 година, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како надлежно обвинителство за постапување по кривичното дело – Криумчарење мигранти, поднесени се кривични пријави против 166 лица.
За кривично дело – Криумчарење мигранти од чл. 418-б ст.2 од Кривичниот законик пријавени се 92 лица. Со оглед на запретената казна применливи се одредбите за скратена постапка од Законот за кривична постапка, што значи дека за ваквите предмети надлежното обвинителство не носи формално Наредба за спроведување на истражна постапка. Имајќи ја во предвид оваа околност за седум пријавени лица кривичните пријави се отфрлени, за едно лице предметот е отстапен на надлежно постапување на друго обвинителство, за 16 лица се уште се превземаат потребни дејствија, за 28 лица е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба (со што за овие лица кривично – правниот предмет е правосилно завршен), а за 40 лица е поднесен обвинителен предлог.
За кривичното дело – Криумчарење мигранти од чл. 418-б ст.4 в.в. ст.2 пријавени се 74 лица од кои за едно лице се уште се превземаат предистражни дејствија, а за останатите 73 лица се донесени Наредби за спроведување на истражна постапка. За осум лица истрагата е во тек, за две лица се донесени Наредби за прекин на истрагата, за четири лица се донесени Наредби за запирање на истрага, за 35 лица донесени се Пресуди врз основа на предлог – спогодба, а за 24 лица се подигнати обвинителни акти.
Во 2015 година за кривичното дело Криумчарење мигранти, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има подигнато вкупно 53 обвиненија, од кои што 22 се обвинителни акти против 24 обвинети лица, а 31 се обвинителни предлози против 40 лица.