Соопштенија

Наредена ДНК анализа на телата на починатите во пожарот во фабриката „Балкан Гасови “ – Богданци

Основното јавно обвинителство – Гевгелија издаде наредба да се изврши обдукција на телата на три починати лица во вчерашниот пожар во фабриката ДПУТ „Балкан Гасови “ ДОО Богданци.

На телата ќе се врши и ДНК анализа за да се утврди идентитетот на починатите.

Обдукцијата на починатите е извршена уште вчера попладне во ЈЗУ Општа болница Гевгелија, но телата не се предадени на семејствата, бидејќи се чека исходот од ДНК анализата која треба да заврши за 3 до 7 дена.

Во вчерашниот пожар во фабриката ДПУТ „Балкан Гасови “ ДОО Богданци, три лица го загубија животот, додека две се повредени. Причинета е и материјална штета, а во околината на фабриката биле опожарени повеќе возила.

Во текот на увидот на надлежен обвинител е констатирано дека фабриката каде што избувнал пожарот се состоела од повеќе простории. Просторијата каде што се пронајдени починатите лица е просторијата каде што се вршело полнење на мали плински боци. Во просторијата каде што се вршела изработка на плинските боци пред полнење, пак, работеле преживеаните лица.

Во разговор со надлежниот обвинител, управителите на фирмата известиле дека во овие простории имало складирано над 1000 пакети со мали плински боци кои биле спремни за извоз наредниот ден. Освен ова, во дворното место се наоѓале и две цистерни кои во моментот биле полни со пропан бутан гас и една празна цистерна.

Увидот на надлежниот обвинител вчера во фабриката за плински боци траеше цели 12 часа. По негово барање, на лице место беше повикана и увидна екипа од МВР Скопје, составена од вешти лица од областа на хемијата и физиката, заради прибирање докази од местото со цел утврдување на причините за настанување на пожарот во оваа фабрика. Покрај тоа, кон увидот се приклучија и екипи од СВР Струмица и ПС Гевгелија.

Извршен е разговор и со единствениот очевидец на настанот, кој единствено можел да потврди дека пожарот започнал од просторијата за полнење на плинските боци.

Надлежниот јавен обвинител издаде Наредби за правење скица од местото на настанот, фотографирање, видео снимка, како и за подигање на остатоците од куќиштето од компјутерската опрема која била поврзана со видео надзорот од целата фабрика. Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика на МВР ќе треба да изврши вештачење на податоците од хард дискот за да се утврдат причините за настанување на пожарот од видео снимките.

Ќе се проверува и целокупната документација за заштита и безбедност при работа, исправноста на функционирањето на машините, како и почитувањето на сите прописи за работа на овој вид дејност.

По добивање на сите потребни анализи, вештачења, записници од надлежните органи, надлежното обвинителство ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката.