Соопштенија

Наредена обдукција на двете починати лица во престрелката на „Рузвелтова"

По насоки од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, екипи на СВР Скопје, крим-техника и на Одделот за крвни деликти при МВР извршија увид на лице место на улица „Рузвелтова” во Скопје каде што доцна синоќа две лица го загубија животот во престрелка, додека едно е тешко повредено.

Трите лица се превезувале со возило Сеат алтеа кога врз нив бил отворен оган од возило во движење, кое веднаш го напуштило местото. Возачот на автомобилот Сеат, 44-годишниот Н.А., како и неговиот сопатник 49-годишниот А.П. им подлегнале на повредите во болница, додека 19-годишниот Ф.Е. и натаму е во критична состојба.

По наредба на јавен обвинител, телата на двете починати лица се предадени на обдукција на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија. Возилото во кое се превезувале е подигнато за вештачење.

На лице место биле подигнати 25 чаури, траги од крв, облека од убиените и од повреденото лице и други докази кои со наредба на јавен обвинител ќе бидат предадени на вештачење.