Во текот на 2022 година удвоен е бројот на лица опфатени со посебните истражни мерки во однос на претходната година, а благ нагорен тренд се забележува и кај бројот на предмети опфатени со вакви мерки, покажува Извештајот за примена на посебните истражни мерки во текот на 2022 година што го објави Јавното обвинителство и го достави до Собранието на Република Северна Македонија. Истовремено, бројот на случаи во кои се применети вакви мерки е намален, што директно укажува дека во минатата година предмет на кривичен прогон биле посложени облици на организиран криминал и криминални организации кои вклучуваат повеќе лица.
Во основните јавни обвинителства во Република Северна Македонија во текот на 2022 година, со посебни истражни мерки од чл.252 од Законот за кривичната постапка беа опфатени вкупно 413 лица со утврден идентитет, 2 лица со неутврден идентитет и 136 предмети на кривично дело. Или доколку се анализира бројот на случаи, со примената на посебните истражни мерки се обезбедуваа докази во вкупно 53 случаи по кои постапуваа јавните обвинителства. За споредба, во претходната 2021 година, во сите основни јавни обвинителства беа применети посебни истражни мерки во вкупно 59 случаи против 204 лица со утврден идентитет, 11 лица со неутврден идентитет и 126 предмети на кривично дело.
Како најприменувани посебни истражни мерки во континуитет со минатите години се мерките од член 252 ст.1 т.1 (Следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации) и од член 252 ст.1 т.3 (Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен). Посебните истражни мерки во најголем број случаи се применувале за обезбедување докази за кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.
ЦЕЛИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА ПРИМЕНА НА ПОСЕБНИТЕ ИСТРАЖНИ МЕРКИ Е ДОСТАПЕН НА СЛЕДНИОТ ЛИНК.
Посебните истражни мерки се силен и адекватен одговор за спротивставување и пресретнување на различните облици на организиран криминал, корупција, тероризам и другите тешки облици на криминал. Современите облици на криминалот, а особено тешкиот и организираниот криминал не може да се откријат и за нив да се обезбедат докази без примена на посебни истражни мерки. Тие се определуваат само за потешки кривични дела и тогаш кога е веројатно дека со другите доказни средства нема да биде возможно и доволно ефикасно обезбедувањето на податоците и доказите неопходни за успешно водење на кривичната постапка.
Посебните истражни мерки предвидени во член 252 од ЗКП опфаќаат:
-следење и снимање на телефонски и другите електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон;
-следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации;
-тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен;
-таен увид и пребарување во компјутерски систем;
-автоматско, или на друг начин пребарување и споредување на личните податоци;
-увид во остварени телефонски и други електронски комуникации;
-симулиран откуп на предмети;
-симулирано давање и примање поткуп;
-контролирана испорака и превоз на лица и предмети;
-користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи;
-отворање симулирана банкарска сметка; и
-симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци.