Соопштенија

Обвинение против шест лица за плацовите на Водно

По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција,  денеска до Одделението за организиран криминал  и корупција при Основниот кривичен суд Скопје достави обвинителен акт против шест лица. На обвинетиот Н.Г. му се става на товар дека сторил кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело,, од чл.273 ст.1 од КЗ и кривично дело ,,Противправно стекнување и прикривање имот,, од чл.359-а ст.1 од КЗ, обвинетите Р.Н., Н.Ј., Ј.К. и Р.К.К. се товарат дека сториле кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело,, од чл.273 ст.1 од КЗ, додека С.М. е обвинет за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело,, од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик.

Имено, во периодот од месец јуни 2006 година до октомври 2012 година во Скопје првообвинетиот Н.Г. со искористување на ист траен однос и исти прилики за себе противправно присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени во врска со неговата работа и притоа присвоил износ од најмалку 1.300.360,00 евра или 79.972.140,00 денари. Тој, во овој период како одговорно лице, претседател на политичката партија, дел од паричните средства што биле давани како донации за финансирање на политичката партија не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе.

Од месец октомври 2012 година до месец септември 2013 година  Н.Г. парите ги пуштил во оптек,  за што со умисла му помогнал обвинетиот С.М. Така, откако обвинетиот Н.Г. во средината на 2012 година дознал дека физички лица кои се иселени од  државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 м2 лоцирано на Водно побарал од обвинетиот С.М. да му помогне истото да го купи при што ќе го прикрие  изворот на парите и дека тој е сопственик на земјиштето. Обвинетиот С.М. стапил во контакт со обвинетиот Н.Ј. кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на  домашно правно лице кое ќе биде употребено за купување на земјиштето. Иако знаел дека неговото правно лице ќе се користи за прикривање на вистинскиот сопственик на купувачот на земјиштето,  обвинетиот  Н.Ј. во договор  со  обвинетиот С.М.  основал правно лице  во Скопје, на кое обвинетиот Р.Н. станал управител. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, обвинетиот  Н.Г. во повеќе наврати на девизната сметка на правното лице во Скопје, преку сметката  на правното лице од Белизе пуштил во оптек парични средства прибавени со кривично дело. Обвинетиот Р.Н. ги примил паричните средства и во својство на управител на правното лице со сопствениците на земјиштето потпишал договор за купопродажба за купување на  шума со површина од 11.255 м2, по што извршил плаќање  кон продавачите во износ од 1.299.215 евра, а дел од останатите приливи ги  употребил  за плаќање на данок на промет на недвижности.

Во периодот од јуни до октомври 2015 година обвинетиот Н.Г. купениот имот чии парцели со промените на ГУП на град Скопје 2012-2022 година,  биле  пренаменети  во градежни парцели и уделот на правното лице од Белизе во  правното лице во Скопје,  го пренел на обвинетите Ј.К. и Р.К.К. Обвинетиот Ј.К. како управител на правно лице и обвинетата Р.К.К. како краен сопственик на истото правно лице иако знаеле дека имотот е прибавен со кривично дело, истиот  го примиле во сопственост  на нивното правно лице и  донеле одлука преземеното правно лице да се преименува и сопственоста да се пренесе на правните лица каде обвинетиот Ј.К. е управител, а обвинетата Р.К.К. сопственик.  Потоа по претходно донесена одлука за физичка делба парцелите биле поделени на три нови парцели од кои едната била продадена на заинтересирано правно лице. Уделите во преименуваното правно лице и останатите две парцели фиктивно биле пренесени на трето лице без да биде платен уделот и со договор во кој бил определен рок за исплата на купопродажната цена со клаузула дека ако рокот не биде испочитуван, договорите се ништовни со што ја прикриле локацијата на имотот и неговата сопственост.

Воедно, обвинетиот Н.Г. како  службено лице спротивно на законската должност  од чл. 33 ст. 2  од Законот за спречување на корупцијата, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетен лист што го доставил  по престанок на функцијата до Државната комисија за спречување на корупцијата дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Р.Н. Па така, во графата “Недвижен имот“ не пријавил два стана во Скопје со површина од 38м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2729 м2 и две градежни парцели во Крушево во вредност  од 795.424.,00 денари.

Надлежниот обвинител со Обвинителниот акт на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите од 57м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600,00 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност  од 795.424.,00 денари.

Обвинителот ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка за обвинетиот Н.Г. согласно член 165 став 1 точка 1поднесе Предлог за определување на мерка притвор по неговото пронаоѓање, за обвинетиот Ј.К – Предлог за продолжување на мерката притвор согласно член 165 став 1 точка 1, за обвинетиот Н.Ј. – предлог за определување на мерка на претпазливост – обврска да се јавува еднаш неделно кај определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје и за обвинетата Р.К.К. мерки на претпазлвост – Обврска да се јавува еднаш неделно кај определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје и привремено одземање на патна исправа за преминвање на  државна граница односно забрана за нејзино издавање и тоа патна исправа издадена од Република Северна Македонија и патна исправа изддена од Република  Бугарија Јавниот обвинител побара мерките да траат до правосилно завршување на кривичната постапка.