Соопштенија

Обвинение за агентот за недвижности поради измами во продажба на станови во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против скопјанец на возраст од 41 година, поради сторено кривично дело – Измама од член 247 став 3 во врска со став 1  во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Обвинетиот во периодот од 6 мај 2020 година до 5 март 2021 година, во Скопје, со умисла извршил десет временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, а со намера за себе да прибави противправна имотна корист. Тој  довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им прикажувал факти дека како агент за недвижности во своја Агенција за недвижности е овластен од име на  сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.

Со четворица од оштетените, обвинетиот склучувал Договори за капар за станови во градба и наплатувал различни износи , но до Договори за купопродажба не дошло.

Со шестмина оштетени, обвинетиот  склучувал  Договори за капар и наплатувал различни износи за капарот, а потоа склучувал и Договори за купопродажба во кои без знаење на вистинските сопственици се потпишувал како „продавач“.​