Соопштенија

Обвинение за четири физички и едно правно лице за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по спроведена сеопфатна истражна постапка денеска до основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице и Обвинителен предлог против едно правно лице и три физички лица.

Во периодот од 2014 до 2020 година во Тетово, првообвинетиот С.Ш. како сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово, заедно и по претходен договор со третообвинетиот Х.Ф. тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески -Смок” – Тетово и со четвртообвинетиот А.А. – претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и ВД директор на центарот за култура, свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување на договорот за јавна набавка и ја злоупотребиле својата службена положба и овластување. Со дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, обвинетите за второбвинетото правно лице оствариле имотна корист од големи размери во износ од 832.983.064,00 денари.

Искористувајќи исти прилики преземале повеќе временски поврзани дејствија на прифаќање усогласени понуди, времени и завршни ситуации со кои целосно бил променет предметот на договорот што се намалил од договорените 22 позиции и завршување на објектот до фаза „клуч на рака“, во завршување на само 4 позиции во фаза „затворена карабина“ без притоа да има одобрен проект за истото. Воедно, ја зголемувале вредноста на проектот, а за да ја оправдаат склучиле 12 анекси на договорот, со што бил исплатен износ за 138.488.064,00 денари повеќе од првично договореното и од предвидените материјални средства за таа намена. Со така склучените анекси, иако постапката била неделива, го поделиле и го измениле предметот на склучениот договор од фаза „клуч на рака“ во фаза – затворена карабина и на тој начин овозможиле во иднина да се водат две нови постапки за јавни набавки и да се доделуваат нови договори за доградба – втора фаза, со што овозможиле корист за потенцијалните економски оператори во дополнителните постапки.

Во 2018 и 2021 година спровеле нови постапки за јавни набавки – едната за изработка на проектна документација фаза ентериер за објект во изградба и втората со предмет на договор – Втора фаза за изградба на нов објект за Театар и библиотека Тетово. Со склучувањето на нови договори во вкупен износ од 1.345.917.098,оо денари без ДДВ извршиле процентуално надминување на вредноста на основниот договор со зголемување од 93% од договорената цена со основниот договор која изнесувала 694.495.000,оо денари без ДДВ.

Дополнително, со неизвршување на законските обврски за евидентирање и пријавување на даночни обврски и поради тоа што не изготвиле основен проект на изменета состојба, на штета на Буџетот на РСМ од средствата дополнително одобрени и наменети за проект и јавна набавка на ентериер за театарот, се задолжени и се исплаќаат значителни износи од 232.699.289,00 денари за данок на ДДВ, кој навремено не го евидентирале и пријавиле и од кој би биле ослободени.

Петтообвинетиот Б.М. како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година искористувајќи исти прилики, преземал повеќе временски поврзани дејствија на пропуштање должен надзор и на друг начин очигледно несовесно постапувал при вршење на неговите посебни овластувања. Тој ги потпишувал градежните дневници и книги со количини според основниот проект, овозможил да бидат потпишувани анекси на договори врз основа на претходно доставени времени и завршни ситуации и да биде извршен технички прием на објектот Театар и Библиотека Тетово, иако одредбите од Законот за градење претходно требало да биде изготвен Проект на изведена состојба врз основа на новата состојба на објектот со нови количини, а имајќи предвид дека конструктивниот систем бил целосно сменет, со нов проект требало да се бараат нови конструктивни и статички анализи на објектот. Како резултат на тоа што не бил изготвен Проектот на изведена состојба и немало решение за одобрување на измените што би било составен дел од одобрението за градење, не бил изготвен и Проект за употреба и одржување, па  така објектот не може да се запише во јавните книги на недвижности. Со ваквите дејствија потешко ги повредил правата на НУЦК „Иљо Антески Смок “ – Тетово – Министерство за култура и туризам.

Според деталниот опис содржан во диспозитивот на обвинението првообвинетиот С.Ш. и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл.275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Х.Ф. и А.А. сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. ст.1 в.в. сo чл.45 од КЗ и обвинетиот Б.М. сторил продолжено кривично дело кривично дело Несовесно работење во службата од чл. 353-в ст.4 в.в. ст.2 в.в. чл. 45 од КЗ.