Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 40-годишен скопјанец кој се товари дека извршил едно кривично дело – Кражба од член 235 став 1 и едно кривично дело – Тешка кражба казниво според член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Имено, обвинетиот, на 13 јануари, од една од канцелариите на Факултетот за ветеринарна медицина одзел машки паричник во кој имало 16.000 денари, две кредитни картички, лични документи и други предмети. Истиот ден, тој употребил една од противправно стекнатите кредитни картички во маркет и направил трансакција од 666 денари.
На 15 јануари, обвинетиот влегол во просториите на ПЗУ Ре-Медика и со употреба на физичка сила ја скршил бравата од шкаф за чување лични работи на еден од лекарите вработени во оваа здравствена установа. Од шкафчето тој одзел паричник во кој имало 4.000 денари, три платежни картички и други документи. Истиот ден, во рок од половина час, со картичките направил седум трансакции во различни маркети во вкупен износ од 4.325 денари.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.