Соопштенија

Обвинение за скопјанец кај кој беа пронајдени метадон и ампули диазепам

Обвинителен акт против едно лице на возраст од 47 години поднесе Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е обвинето за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 25 март, при извршен претрес во домот на обвинетиот на улицата „Ордан Чопела“ во Гази Баба, било утврдено дека тој неовластено заради продажба држел 97 шишенца синтетички опијат – метадон со вкупен волумен од 970 мл, како и 980 фабрички ампули психотропна супстанција – инјекционен раствор на диазепам со вкупен волумен од 1.960 мл.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, со оглед на тоа што постои опасност од бегство и можност за повторување на делото.​