Соопштенија

Обвинение за сторителка на шест тешки кражби во Скопје

По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против 35-годишна скопјанка која се товари за шест кривични дела – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Обвинетата, на 3 септември, на автобуска станица кај пазарот во населбата Ченто, се качила во автобус заедно со една жена на која и отстапила место да седне. Во разговор со оштетената обвинетата дознала дека се упатила кон билетарница на ЈСП за да ја надополи картичката за превоз и за да ја стекне нејзината доверба се понудила да и помогне. Заедно се симнале од автобус, а обвинетата и кажала на оштетената да седне на клупа и дека таа ќе оди до билетарницата да ја надооплни картичката. Забележала каде оштетената го чува паричникот, па се понудила да и ја земе торбата за да не и пречи и дека за кратко ќе се врати. По тоа, обвинетата ја зела торбата во која имало паричник со картичка и пари, во вкупна вредност од 7.250 денари и заминала во непознат правец.

На 8 септември, обвинетата дошла во куќа на улица „Кавадарска“ во Скопје, на сопственикот му се претставила како медицинска сестра која дошла да го прегледа и да му стави облоги на нозете. Додека тој се подготвувал за преглед, таа од домот украла паричник со 15.315 денари. На 9 и 10 септември, пак, влегла во два дома, претставувајќи се како попишувач од пописна комисија. На сопствениците им барала сертификат за вакцинација и лична карта и додека тие ги барале документите, им ги одзела паричниците во кои имало пари и банкарски картички. На тој начин од едниот дом одзела предмети вредни 1.900, а од другиот – 900 денари.

Во куќата на друга оштетена, на 14 септември, обвинетата се претставила како внука на сосетката, па искористувајќи момент кога сопственичката на кратко ја напуштила просторијата, одзела паричник со околу 4.300 денари.

На 21 септември обвинетата се доближила до една оштетена пред аптека во Сингелиќ, ја фатила под рака наводно за да и помогне. Оштетената одбила, по што обвинетата ја замолила да и ги даде лековите од ќесето затоа што и таа ги пие истите, а немала пари да купи. Штом го отворила ќесето, обвинетата и го грабнала паричникот и се дала во бегство, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 3.000 денари.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продллжување на претходно определената мерка притвор за обвинетата. ​