Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица – татко и син, кај кои при претрес беше пронајдено огнено оружје и дрога. На таткото му се става на товар дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Неговиот син, пак, е обвинет дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 22.11.2018 година, при претрес на домот на обвинетиот татко во селото Кучково, било утврдено дека тој кај себе неовластено држел огнено оружје, поголемо количество муниција, како и експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети. Освен ова, кај осомничениот била пронајдена и наркотична дрога – марихуана со нето маса од 0.80 грама и вага со траги од наркотична дрога.
На истиот ден бил извршен претрес и во домот на неговиот син во Скопје, кај кого била пронајдена наркотична дрога марихуана со нето маса од 60.8 грама, спакувана во една полиетиленска кеса.
Заедно со обвинителниот акт, надлежниот јавен обвинител достави и Предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетиот татко. За синот се уште се на сила определените мерки на претпазливост од страна на судијата на претходна постапка.