Соопштенија

Обвиненија за тројца крадци

Основното јавно обвинителство Скопје денеска во Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвиненија за три лица кои извршиле кражби во одделни кривично правни настани.

Со Обвинителен предлог се опфатени двајца скопјани на возраст од 29 и 44 години, кои во периодот од 16 до 19 февруари 2020 година, од викенд куќа лоцирана во с. Идризово, скопско, одзеле предмети во вкупна вредност од 66.000,00 денари. Обвинетите се протнале под дрвената ограда на викенд куќата, се качиле по надворешните скали на повисокиот кат и со тврд погоден предмет ја отвориле вратата. Потоа на ист начин ги отвориле сите врати во објектот, по што одзеле алат, спортска опрема, книги, куфери и обувки.

Со овие дејствија обвинетите како соизвршители го сториле кривичното дело – Тешка кражба  од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Денеска со обвинение поднесено во судот уште едно лице се товари за сторени кражби. Обвинетиот, скопјанец на 48-годишна возраст, на 18 февруари 2020 година во 13.00 часот влегол во продажен салон за техничка опрема во Градскиот Трговски Центар во Скопје. Ја искористил зафатеноста на вработените со купувачи, па одзел од еден од рафтовите звучник со вредност од 15.490,00 денари. Потоа незабележан, го напуштил местото.

Втората кражба ја извршил на 3 март 2020 година, во 14.00 часот, кога влегол во продавница за спортска опрема во Градскиот Трговски Центар во Скопје и со совладување препреки успеал да одземе облека со вкупна вредност од 9980,00 денари. Тој зел три парчиња облека, влегол во гардеробата и на две од нив со употреба на сила ги оштетил алармните системи. Ги облекол двете парчиња под својата облека, па излегол од гардеробата и третото парче го вратил на касата, по што заминал.

Со тоа обвинетиот ги сторил кривичните дела Кражба од член 235 став 1  и Тешка кражба од член 236 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител ги зеде предвид околностите во кои биле извршени кривичните дела, како и постоењето на опасност од бегство на тројата обвинети, па до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебни предлози за продолжувањ ена мерките притвор,кои на обвинетите имбеа веќе од судот определени.