Основното јавно обвинителство – Куманово до Основниот суд – Куманово поднесе Обвинителен предлог против Л.К. за сторени кривични дела – Напад на службено лице при вршење на јавна безбедност од чл.383 ст.2 вв со ст.1 и Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост од чл.319 ст.1 од Кривичниот законик.
Имено, на 31 минатиот месец на улицата „Гоце Делчев” во центарот на Куманово, околу 16:00 часот, обвинетиот заедно со неколку непознати лица и малолетниот Л.С. го симнале и го оштетиле знамето на Република Македонија и на јарболот закачиле знаме на Република Албанија. При обид да бидат спречени во намерата од страна на службени лица од Министерството за внатрешни работи, обвинетиот нападнал еден од полицајците и му нанел телесна повреда – набиеница на главата и десната шака. Настанот предизвика чувство на раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност кај јавноста.
Со оглед на тоа што станува збор за кривично дело од јавниот ред и постојат околности што го оправдуваат стравот дека доколку обвинетиот се брани од слобода ќе го повтори кривичното дело, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово со обвинителниот предлог достави и посебен предлог за продолжување на определените мерки – куќен притвор и мерки на претпазливост.
Малолетниот Л.С денеска е сослушан пред судија за малолетници при Основниот суд во Куманово и за него ќе продолжи постапката со изведување на докази.