Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде Наредба за проверка на фирми што во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.
Имено, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување според кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност.
Во насока на утврдување на наводите од Известувањето, во текот на утрово во координација со обвинителството, Министерството за внатрешни работи спроведе акција при што е одземена документација од три фирми кои ги основале предметните портали, а ќе се прибираат и докази од други релевантни институции.