Соопштенија

ОЈО Скопје и Специјалното јавно обвинителство на Косово во заеднички истражен тим, уапсен осомничен за фалсификување евромонети

Поради регистрирани неколку случаи на пуштање во оптек на фалсификувани пари во Косово, Специјалното јавно обвинителство на Република Косово (СПРК) заедно со Секторот за истражување економски криминал и корупција во косовската полиција, со поддршка на други истражни и разузнавачки органи во таа држава, од 2023 година започнаа повеќе активности насочени кон спречување на дистрибуцијата на фалсификувани пари, особено евра на косовскиот пазар со што се нарушуваше пазарот и јавниот интерес.

Како резултат на овие активности, започна голема меѓународна истрага во рамките на која беше формиран Заеднички истражен тим меѓу Косовското специјално обвинителство од една страна и Основното јавно обвинителство Скопје од друга страна. Во спроведување на активностите на истражниот тим беа вклучени претставници на Истражниот центар на ОЈО Скопје, на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Директоратот за економски криминал при Косовската полиција.

Работејќи заедно тие реализираа операција во која на 4 август во Косово беше уапсен еден државјанин на Република Северна Македонија за кого постои сомнение дека произведувал и пуштал во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални евромонети во номинална вредност од по 2 евра. Во исто време, во Скопје беа извршени претреси на три локации при што беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите. Сите тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење.

По наредба на специјалниот јавен обвинител на Косово, македонскиот државјанин беше привремено задржан 48 часа, по што до надлежниот суд е доставен предлог за негово обезбедување во текот на постапката.

Оваа операција во целост е поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан, кои овозможија оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за успешна реализација.

Истражните органи од Република Косово и Република Северна Македонија остануваат посветени на заедничките напори за сузбивање на криминалот кој ги нарушува финансиските текови и соодветно ќе ја информираат јавноста за текот на постапките.