Соопштенија

ОЈО Велес со истрага за разбојништво

Основното јавно обвинителство Велес поведе истрага против 30-годишен велешанец под сомнение дека сторил кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

На 17 февруари, кај местото викано „Сточно пазариште“, се приближил од зад грб на една жена, ја повлекол за чантата и започнал да ја влече. Бидејќи не можел да ѝ ја оттргне, ја удрил по окото и устата, нанесувајќи ѝ телесни повреди, ѝ ги скршил очилата, па ја турнал на земја. Од оштетената ја одзел чантата со паричник во кој имало околу 300 денари, 20 евра и лични документи.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Основен суд Велес достави предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведокот/оштетената или да го повтори делото.