Соопштенија

Основниот јавен обвинител во Велес во соработка со увидна екипа од СВР Велес изврши увид на местото на сообраќајната несреќа на автопатот Градско -Велес

Вчера во доцните попладневни часови, на околу 300 м. пред наплатната станица – Градско се случи двојна сообраќајна незгода во која две лица го изгубија животот.

До несреќата дошло кога товарно моторно возило сопственост на ЈП Македонска пошта удрило во товарното моторно возило кое стоело од левата страна на автопатот, при што истото го оштетило. Лицата кои ги управувале товарните возила поставиле сигнализација со цел да укажат за случената незгода. Набргу зад нив налетал патнички автомобил марка „Мазда” со скопски регистарски таблички кој најнапред удрил во возилото на ЈП Македонска пошта и продолжил да се движи понатаму извртувајќи се на средната лента од коловозот.

Од силината на ударот целата десна страна од патничкиот автомобил била уништена и распадната на делови. Како последица од ударот сопатниците во патничкиот автомобил – жена(34) и дете (4) починале на самото место на настанот.

По Наредба на надлежниот јавен обвинител сите три возила се упатени на технички преглед, а од лицата кои ги управувале се земени крв и урина заради проверка на евентуално присуство на алкохол, преземени се сите дејствија на обезбедување на трагите од кои ќе се утврдат причините за несреќата. Основното јавно обвинителство – Велес ќе преземе и дополнителни дејствија заради утврдување на причините за несреќата.​