Соопштенија

Основното јавно обвинителство – Битола изврши увид на местото каде ноќеска е ранет разбојник

Вчера вечер, во колонијална продавница во Битола е извршено разбојништво. Според добиените сознанија, инспекторите од СВР Битола го известиле дежурниот јавен обвинител дека можниот сторител е скопјанец кој престојува кај својата девојка. Заради пронаоѓање предмети што потекнуваат од кривичното дело или се важни за кривичната постапка издадена е Наредба за претрес на домот и други простории на адресата на девојката.

При обид да се изврши претрес во ноќните часови, осомничениот не сакајќи да излезе од помошната просторија, започнал да пука во полициските службеници при што било употребено огнено оружје и од страна на полицијата. Околу 1:50 часот осомничениот пукајќи​ се обидел да избега од помошната просторија во дворот, на што било возвратено од страна на полициските службеници и истиот бил совладан. Во престрелката осомничениот се здобил со прострелни рани во пределот на нозете и е пренесен во Клиничката болница во Битола. Се наоѓа во стабилна здравствена состојба и над него ќе биде извршен оперативен зафат.

Надлежниот јавен обвинител изврши увид на местото на настанот и издаде наредби за обезбедување на материјални траги. Во тек е прибирање на останатите докази.