На ден 08.05.2015 година случена е сообраќајна несреќа на магистралниот пат Скопје-Гевгелија кај манастирот Св.Атанасиј во која од неразјаснети причини се превртело патничко моторно возило марка Ланд Ровер Дефендер, сопственост на Армијата на Република Македонија, управувано од професионален војник-возач во кое имало уште четворица сопатници. Возилото се движело по магистралниот пат со правец на движење од Скопје кон село Фурка.
Повредени во сообраќајната незгода се возачот на возилото и совозачот, а другите три лица се жалат на набиеници по телото. Повредените по укажаната лекарска помош во Медицински центар во Гевгелија, се упатени на клиниките во Скопје.
Од страна на надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гевгелија извршен е увид на лице место, при што се издадени наредби за фотографирање, скицирање на местото на несреќата, вонреден технички преглед на возилото, земање на крв на возачот и земени се првично искази од сите учесници во сообраќајната незгода.
Воената опрема, која се наоѓала во возилото на АРМ, по Наредба на обвинителот на Записник е предадена од страна на Полициската станица – Валандово на службените лица на АРМ кои дојдоа на лице место.
Причината за настанатата сообраќајна несреќа дополнително ќе се утврдува.