Соопштенија

Основното јавно обвинителство – Гостивар ги истражува причините за несреќата во која беа повредени девет деца и пет возрасни лица

Вчера во попладневните часови, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар, по телефонско јавување од ПС Гостивар за случена сообраќајна несреќа на локалниот пат Гостивар – с. Падалиште изврши увид на местото на настанот. Поради непристапноста на теренот увидот од страна на јавниот обвинител и полицијата се одвивал во отежнати услови до вечерните часови.

Несреќата се случила кога транспортно возило – комбе „Форд Турнео“ со гостиварски регистарски таблички се превртело на кров во провалијата покрај патот. Со брза помош и приватни возила што се нашле во моментот на несреќата сите повредени лица се пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар. Поради сериозноста на повредите, четири лица со тешки телесни повреди се пренесени на клиниките во Скопје. Едно дете е со сериозни повреди на вратот и главата и се наоѓа во животна опасност. Останатите лица, ноќта ја поминале во болницата во Гостивар каде врз нив се извршени потребните лекарски прегледи и во зависност од нивната состојба ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Надлежниот обвинител ги презема сите неопходни дејствија за расветлување на настанот. Во текот на вчерашниот ден и денес издадени се повеќе наредби – скицирање и фотографирање на местото на настанот, наредба за технички преглед на возилото и криминалистичко техничка обработка на истото, наредба за испитување на ДНА од воланот на возилото, наредба за испитување на крв и урина од 47 годишниот возач на возилото, како и наредби за испитување на други материјални траги земени од оштетените лица.