Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот кражбата на 150.000,00 денари ја извршил ноќта меѓу 22 и 23 март годинава. Како што веќе извести обвинителството, обвинетиот насилно ја отворил влезната врата на црквата „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров и влегол внатре. Со намера противправно да присвои финансиски средства, тој со погоден предмет делувал на дрвената каса, ја отворил и од неа одзел 120.000 денари. Потоа се упатил кон внатрешната продавница во склоп на црквата, исто така насилно ја отворил и од фиоката одзел уште 30.000 денари.
Основното јавно обвинителство Скопје имајќи го предвид фактот дека се работи за сторител кој досега е осудуван за истородни и други кривични дела, како и дека постои опасност да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, едновремено со обвинението до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице.