Соопштенија

Основното јавно обвинителство – Скопје постигна спогодби со пет лица за нелегално препродавање билети

Основното јавно обвинителство – Скопје постапуваше по поднесени три кривични пријави од Министерството за внатрешни работи против пет лица осомничени за сторено кривично дело – Недозволена трговија од чл.277 ст.2 од Кривичниот законик.

Лицата беа осомничени дека го извршиле делото санкционирано со последните измени на Кривичниот законик, а со кои се санкционира нелегално препродавање билети за спортски натпревари. Согласно законот, за ова кривично дело е предвидена парична казна или казна затвор до една година.

Еден од осомничените е државјанин на Република Србија, двајца државјани на Велика Британија, додека двајца имаат двојно државјанство (и на Република Македонија и на САД). Со сите нив надлежните обвинители постигнаа спогодби за одмерување на видот и висината на кривичната санкција, со кои секое од лицата прифати да плати парична казна во висина од 500 евра. Дополнително, за лицата кои немаат македонско државјанство е предвидена и мерка протерување од земјата за време од една година.

Предлог-спогодбите со осомничените се доставени до судија на претходна постапка.