Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага за неовластено производство и пуштање во промет на марихуана во Визбегово

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица поради постоење основано сомнение дека во соизвршителство сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, во куќа во која привремено престојувале во скопско Визбегово, неовластено заради продажба држеле наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 5.890,21 грам. Имено, при претрес на домот, осомничената била затекната како во дворот на куќата фрла од прозорецот црна полиетиленска ќеса во која била спакувана марихуана со нето маса од 1.860,8 грама. Останатата дрога била пронајдена во неколку различни пакувања при преглед на блиската околина на домот во кој престојувале заедно со осомничениот.

Надлежниот јавен обвинител процени дека се исполнети законските услови, односно дека постојат околности кои што укажуваат на опасност од бегство на осомничените, па до судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор.