Соопштенија

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против десет лица, обвинети во акцијата „Чекан“

Надлежен јавен обвинител, денес до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинение против десет лица  за сторени кривични дела – Злосторничко здружување од чл. 394 ст. 1 и 2, продолжено кривично дело – Изнуда од чл. 258 ст. 2 вв ст.1 вв чл.45,  кривично дело – Перење пари од член 273 ст.1  и  Лихварство 260 ст.2 вв со ст.1 од Кривичниот законик. Во исто време, јавниот обвинител предложи продолжување на мерката притвор за деветмина од обвинетите.

Криминалната група во која биле и обвинетите, започнала да дејствува во континуитет од 2008 година, претежно на територијата на Општина Гостивар. Главниот мотив бил стекнување на противправна имотна корист со извршување на повеќе кривични дела. Обвинетите неовластено подолго време се занимавале со давање пари на заем на други лица со договор. Притоа, искористувајќи ја тешката состојба на лицата тие договарале за себе несразмерна имотна корист. За враќање на заемот вршеле притисок, користејќи сериозни закани и физички напади врз оштетените.