Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за замена на мерката притвор со поблага мерка куќен притвор за обвинетиот А.Ј.-Т.
Надлежниот обвинител по вторпат пред судот укажува дека со оглед на здравствената состојба кај обвинетиот и поодминатата фаза на постапката и со поблага мерка ќе се постигнат целите и нема да се загрози понатамошниот тек на постапката по однос на овој обвинет.
Ваков став надлежниот јавен обвинител изрази и пред еден месец, во мислењето упатено до надлежниот суд по поднесено барање од страна на одбраната на обвинетиот.
Обвинетиот А.Ј.-Т. се товари за сторено кривично дело – Убиство од член 123 ст.1 во врска со чл.19 во врска со чл.22 од Кривичниот законик заедно со уште шест лица.
Во првично поднесениот обвинителен акт беа опфатени и други три лица, но заради променета фактичка состојба, согласно член 393 ст.1 од Законот за кривична постапка, јавниот обвинител изврши измена на описот на изреката, а последователно и на правната квалификација. За двајца од обвинетите се изврши преквалификација во сторено кривично дело – Насилство од чл. 386 ст. 3 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик. За еден обвинет, јавниот обвинител во целост се откажа од писмено поднесениот обвинителен акт.
Имено, од моментот на случувањето на настанот, јавното обвинителство интензивно и во континуитет презема дејствија за утврдување на фактите. Со поднесување на обвинителниот акт беа опфатени лица за кои обвинителството до тој момент прибра одредени докази. Но, постапувањето на Основното јавно обвинителство Скопје продолжи во предистражна постапка и натаму со цел да се расветли настанот во целост и да се идентификуваат сите инволвирани лица.
Притоа, при утврдување на новите факти, прибавени се нови докази, меѓу кои и видео снимката врз основа на која беа направени измените во обвинението. Новопронајдениот видео запис од настанот даде сосема поинаква слика за дејствијата на тројца од првично обвинетите во однос на пратеникот Зијадин Села. Од тука, надлежниот јавен обвинител веднаш ја достави видео снимката како дополнение на доказната постапка и истата беше прифатена како доказ и од страна на судот. Новоутврдените факти пак, неспорно доведоа до потреба од промена во Обвинителниот акт за тројцата обвинети. Имено, јавното обвинителство согласно своите надлежности, има обврска да ги утврдува како фактите што го товарат обвинетиот, така и оние што му одат во корист.
Основното јавно обвинителство Скопје продолжува континуирано да презема дејствија за да идентификува и други учесници во настанот и нивната кривична одговорност.