Соопштенија

Поднесен обвинителен акт против осум лица

По спроведена сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против петмина жители на Куманово и тројца скопјани. Според дејствијата опишани во Обвинителниот акт, Б.Г.(28), Р.А.(31), С.И(31), А.С.(21) и Ј.К.(25) сториле кривично дело – Терористичка организација од член 394-а ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, обвинетиот Б.Ф. (33) сторил едно кривично дело – Терористичка организација од член 394-а ст.2 во врска со ст.1 и едно кривично дело – Служба во непријателска војска од член 322 став 1 од Кривичниот законик, Д.А. (21) е обвинет дека сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 ст.1 од Кривичен законик и обвинетиот И.М.(23) сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

​Во периодот од 2019 и 2020 година, на територијата на нашата земја, обвинетите Б.Ф., Б.Г., Р.А., С.И., А.С. и Ј.К., станале припадници на злосторничка организација – терористичка организација „ќелија“со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, создадена во почетокот на 2019 година од страна на претходно обвинетиот Б.А. Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група „ќелија“ секој од нејзините членови имал конкретни задачи, па така обвинетите Б.Ф. и Б.Г. добивале конкретни задачи од обвинетиот Б.А., при што му обезбедувале логистичка поддршка и имале задача, заедно со уште тројца претходно обвинети, да обезбедат патничко моторно возило со кое ќе го пренесуваат и објекти во кои ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема, да изработуваат импровизирани експлозивни направи, собирале информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации. Обвинетите Р.А., С.И. и А.С., како припадници на групата учествувале и во активности на собирање и обезбедување на информации од значење за целите на терористичката група и вршеле опсервирање на објекти и локации. Обвинетиот Ј.К. пак, вршел собирање, едитирање и титлување на преводи, од арапски на албански јазик, на видеа од боиштата во Сирија и Ирак и од извршените терористички напади во Франција и Шпанија, како и снимки во кои се прикажува начинот на изработка на експлозивни направи, на извршување напад врз лица, на безбедно користење на интернет апликации за комуникација и снимки со декапитација на жртвите на ИСИС/Исламска држава, со што овозможил пристап на поголем број на луѓе до ваквите радикални содржини.

Врз основа на доказите прибавени во истрагата, обвинителството дојде до сознанија дека обвинетиот Б.Ф., како граѓанин на Република Македонија, во периодот од 4.05.2014 година до 2.06.2014 година, за време на вооружен судир активно учествувал во активностите во непријателската вооружена формација терористичка организација Исламска држава – ИСИС, каде во евиденциите на ИСИС е заведен како борец.

Воедно, во спроведената истражна постапка обвинителството утврди дека во текот на 2020 година во Куманово, обвинетиот Д.А. неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Застава“ со калибар 7.62 мм, што неовластено го продал на претходно обвинетиот В.А., а во истиот период во с.Табановце, Кумановско, обвинетиот И.М. неовластено држел огнено оружје – автоматска пушка со калибар 7.62 мм, автоматски пиштол „Шкорпион“ со калибар 7.65 мм, кое оружје им е забрането на граѓаните и огнено оружје – марка „Застава“ со калибар 7.62.

Со опишаните дејствија обвинетите ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар. Имајќи ги предвид мотивот за сторувањето на делата, односно создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните, како и тоа дека се уште постојат околностите врз основа на кои била определена и продолжувана мерката притвор, а особено фактот дека постои опасност обвинетите доколку останат да се бранат од слобода да ги повторат кривичните дела што им се ставаат на товар, со Обвинителниот акт, предметниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и Посебен предлог. Во предлогот заради обезбедување на присуство на обвинетите и непречено водење на кривичната постапка, се предлага на судот мерката притвор спрема шестмина обвинети да биде продолжена, додека за двајца обвинети е предложено мерката притвор да биде заменета за поблага мерка – куќен притвор.