Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против три лица и Обвинителен предлог против 10 лица кои биле инволвирани во продажбата на објект во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница. По предметот, во јавноста познат како Моќник, пред неговото превземање од Основното јавно обвинителство Скопје, постапуваше Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од соджината на незаконското следење на комуникациите.
Со Обвинителниот акт, прво и второобвинетиот се товарат дека сториле едно кривично дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 во врска со член 22, третообвинетиот дека сторил едно кривично дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 во врска со член 22 и едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со член 23 од Кривичниот законик.
Со Обвинителниот предлог опфатените 10 лица се товарат дека сториле едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157м2 со дворно место од 3.920 м2 во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница. Со тоа, со продажбата на објектот нанеле штета на Република Северна Македонија во значителна вредност од 1.795.800,00 денари и за продажбата на земјиштето нанеле штета на општината Македонски Брод во значителна вредност од 1.176.000,00 денари.
Третообвинетиот со особен придонес кон делото директно искористувајќи ја својата позиција на пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото. Имено, на 27.10.2011 година, првообвинетиот писмено се обратил до советот на општина Македонски Брод со барање да донесат одлука за продажба на задружниот дом во с.Ижиште и лажно во барањето навел дека истиот веќе го користи тој простор, сопственост на општината и сака да отвори сопствен бизнис, иако знаел дека објектот е всушност руинираниот дел запишан во катастарот на недвижностите кој го користел градоначалникот и општинската администрација на општина Пласница и Управата за водење на матични книги.
На 28.10.2011 година советот на општина Македонски Брод ја одржал 33-тата седница, на која се разгледувало барањето од првообвинетиот, притоа збор земал второобвинетиот и лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот совет, а за што имало договор, па за да може да се направи вложување во објектот второобвинетиот побарал од советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на прообвинетиот преку јавна лицитација.
Советниците доведени во заблуда со лажно прикажаните и прикриени факти за тоа кој објект е предмет на продажба едногласно донеле одлука за отуѓување на зградата и во апсолутна заблуда му овозможиле на второобвинетиот да започне со постапката за продажба на објектот и дворното место. По што второобвинетиот за да се избегне конкурентноста во наддавањето и да не се јави друг заинтересиран купувач, не го објавил огласот за продажба во службен весник, па како наддавач се пријавил само првообвинетиот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на државата за цена од 1.795.800,00 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето. Парите биле уплатени на сметка на Општина Македонски Брод, а со второобвинетиот бил склучиле договор за купопродажба, кој како сопственик на објектот подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како наводна техничка исправка, иако немал основа за такво впишување. Тој го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање. Имено, иако според одлуката на советот на општината најниска (почетна) цена во постапката за јавно наддавање за предметното земјиште требало да биде 100 денари по м2, и истата била објавена во службен гласник на општина Македонски брод, па сепак, донесена е одлука со ист евиденциски број, со која цената на земјиштето се ограничува да не биде поголема од 100 денари по м2. Тоа го искористиле прво и второобвинетиот и постигнале договор за купопродажба на земјиштето по цена од 100 денари по м2, а реалната вредност определена со актите на општината за тој регион била предвидена на 400 ден по м2.
Откако Градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој е сместена администрацијата на општина Пласница и неговиот кабинет е продадено, телефонски контактирал со третообвинетиот, а побарал и од владата да ја испита постапката за продажба. Владата оформила комисија, но, третообвинетиот искористувајќи ја својата позиција на пратеник од владејачката партија вршел континуиран притисок врз сите институции кои постапувале по овој предмет, за да остане во правна сила незаконитата продажба на објектот и земјиштето.
Третообвинетиот паралелно со притисокот врз надлежните за непреземање активности за преиспитување на продажбата во име на Претседател на комисијата за надворешна политика, преку писмени барања иницирал инспекциски и полициски контроли врз едно правно лице, а организирал друго лице да поднесе барање до Комисијата за утврдување на фактите ( Комисија за лустрација) со наводи кои треба да иницираат постапка за лустрација против судија. Притоа умислено го поттикнал четвртообвинетиот како Претседателот на Комисијата за утврдување на фактите, врз основа на тие наводи да отвори повторна постапка за лустрација над судијата. Постапката за лустрација била отворена и четвртообвинетиот заедно со деветмина исто така обвинети – членови на Комисијата за утврдување на фактите, како службени лица, постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација донеле одлука за лустрација на оштетениот кој бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија во Основен суд Кичево, а потоа со одлука на истиот орган е утврден и престанок на вршење на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права.