Соопштенија

Поднесено обвинение за поседување оружје и дрога

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Обвинителен акт против едно 26-годишно лице кое се товари дека сторило кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, како и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

При претрес во домот на обвинетиот на 05.12.2018 година било утврдено дека тој неовластено заради продажба кај себе држел разновидна наркотична дрога. Притоа од страна на припадниците на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје биле пронајдени и одземени: 448,95 грама марихуана, 389,17 грама хероин, 66,73 грама хашиш и 1,79 грама кокаин во различни пакувања, различни видови таблети како и неколку дигитални ваги со остатоци од различна наркотична дрога.

Обвинетиот кај себе неовластено држел и огнено оружје – еден револвер марка Astra Cadix од шпанско производство, како и еден пиштол марка Ekol Special 99 со рамка кој бил пренаменет во огнено оружје. Кај него биле пронајдени и вкупно 199 куршуми од различен калибар и за различни огнени оружја, еден пар лисици, три фантомки и три панцири.

Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се и натаму се исполнети законските основи заради кои на обвинетиот првично му беше определена мерка притвор, па до Судот достави и Предлог за продолжување на притворот со цел обезбедување на присуство на обвинетиот и непречено водење на кривичната постапка.