Соопштенија

ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА

Основното јавно обвинителство Скопје по утврдување на основаноста на сомнението, поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 7 (Убиство на бремено лице).

Лицето е обвинето бидејќи на 09.01.2015 год. околу 19,00 час, во кругот на комплекс Клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, во потпокривната просторија на Клиниката за детски болести на седмиот кат, со умисла ја лишил од живот оштетената, сега покојна. Обвинетиот знаел дека жртвата е бремена. Тој делото го извршил по претходна вербална расправија, по што со употреба на сила ја турнал сега починатата на подот. Жртвата при падот удирајќи со главата на подот, се здобила со повреда која не била животно загрозувачка. Користејќи ја состојбата во која оштетената, поради повредата, не можела да дава отпор, обвинетиот со едната рака ја фатил за вратот и почнал да ја стега, а со другата рака во исто време и ги затнал носот и устата, давејќи ја се додека не престанала да покажува знаци на живот. Како резултат на насилното задушување кај оштетената настапила смрт.