Соопштенија

Поднесено обвинение за употреба на фалсификувана лична карта

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице, државјанка на Република Србија, која се товари дека извршила кривично дело – Фалсификување на исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетата, на 5 октомври, со умисла употребила лажна јавна исправа како вистинска. Имено, таа со фалсификувана македонска лична карта на друго име се легитимирала пред вработен во пријавницата на КПУ „Идризово“ – Скопје, со намера да влезе во затворот и да го посети нејзиниот вонбрачен сопруг.

Бидејќи постои реална опасност од криење и бегство на обвинетата која е странски државјанин, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.