Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за продолжено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 2 (при вршење семејно насилство) и за едно кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 (по пат на информатички систем).
Од резултатите на вештачењето спроведено по наредба на јавниот обвинител во текот на истражната постапка произлезе дека обвинетиот ги сторил делата во состојба на битно намалена пресметливост за да го сфати значењето на делото и да управува со своите постапки.
Првото дело кое му се става на товар обвинетиот го сторил на начин што со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на истото дело, притоа искористувајќи ист траен однос и исти прилики. Тој, како поранешен сопруг на една оштетена, при вршење семејно насилство и ја загрозил сигурноста со сериозна закана дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело и врз животот и телото на нејзино блиско лице – нејзиниот татко.
Обвинетиот се товари дека второто дело го сторил на 10 јануари, кога по пат на информатички систем и се заканувал на оштетена дека ќе изврши кривично дело –Убиство за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години. Заканите ги упатувал преку пораки и мобилни апликации, па оштетената се почувствувала дека и е загрозена личната сигурност.
Истражната постапка за истото лице беше поведена и за кривично дело – Неизвршување на судска одлука од член 377 став 5, но за ова дело не е поднесено обвинение, бидејќи во текот на постапката се утврди дека Решението на Основниот граѓански суд Скопје со кое била издадена наредба – Привремена мерка за заштита на правата на оштетената од семејно насилство се уште не е правосилно.
Исто така, обвинителството ги истражуваше и наводните закани кои лицето ги упатувало кон друга оштетена, но притоа се утврди дека во нив не постојат елементи на кривично дело, туку дека станува збор за клевети и навреди за кои оштетената може да поведе граѓанска постапка.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, ценејќи дека постои реална опасност тој да се даде во бегство за да ја избегне кривичната одговорност.