Во текот вчерашниот ден, Основниот кривичен суд Скопје прифати две Предлог спогодби склучени пред поднесување на Обвинителен акт помеѓу јавниот обвинител Лиле Стефанова од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и двајца обвинети во предметот „Империја“. Спогодбите се однесуваат за кривични дела опфатени со Наредбата за спроведување на истражна постапка за период до 2009 година. Со опишаните дејствија обвинетиот Ј.К. сторил кривично дело – „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл.353 ст.4 вв ст.3 и ст.1 и чл.22 од КЗ, додека обвинетиот Н.Ј. сторил кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273 ст.1 од КЗ. Двајцата обвинети го признаа извршувањето на кривичните дела што им се ставаат на товар и се согласија да им биде изречена казна затвор во траење од по една година во која ќе им се засмета и времето поминато во притвор. Во исто време, правното лице „Кара“ АД Скопје како правен следбеник на правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци беше задолжено да ја надомести штетата на Буџетот на Република Северна Македонија на име на неплатени даноци во износ од 320.918.372,00 денари.
Во временскиот период од јануари 2004 година до март 2006 година обвинетиот Ј.К. заедно со обвинетите К.К.С. и З.А. и покојниот И.К., како одговорни лица извршни и неизвршни членови на Одборот на директори во правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје кое во октомври 2004 година е преименувано во ДПТУ „ХООР“ АД Кавадарци, ги искористиле своите овластувања и положба и го оштетиле доверителот – Министерството за финансии – Управа за јавни приходи Скопје, за износ 322.918.371,00 денари.
Обвинетиот Ј.К., во јануари 2004 година, основал оф-шор компанија во САД. Од страна на обвинетите Ј.К., К.К.С. и З.А. заедно со сега покојниот И.К. била донесена одлука за склучување на фиктивен договор со компанијата за наводна изработка и испорака на конфекција – воени униформи. Компанијата која немала вработени лица, ниту деловни активности, била застапувана од обвинетиот Д.Ј. – вработен како возач во правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје, кој прифатил да се потпишува како полномошник. Заради наводно обезбедување дека униформите ќе бидат изработени, поголем дел од имотот на „Орка холдинг“ АД Скопје бил ставен под хипотека. За да го намали имотот на „Орка холдинг“ АД Скопје, обвинетиот Ј.К. во име на правното лице од САД во период од месец мај 2004 година до мај 2005 година, во неколку наврати изготвувал невистинити фактури со вкупен износ од 11.000.000,00 евра кои биле евидентирани во книговодствена евиденција како вистинити. Овие фактури биле основа правното лице во чие име постапувал обвинетиот Д.Ј. да поведе судски постапки и да бидат признаени побарувањата што произлегуваат од нив. Врз основа на извршни решенија, правното лице – доверител ја блокира жиро сметката на „Орка холдинг“ АД Скопје кое во меѓувреме се преименува во ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци.
На крајот на месец август 2005 година обвинетиот Ј.К. иако знаел дека побарувањата се невистинити преку правното лице – доверител, поднесува барање за отворање на стечајна постапка над ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци. Со тоа Ј.К. како вистински сопственик на правното лице – доверител поднел невистинито стечајно побарување, по што Основниот суд Кавадарци во 2006 година донел решение со кое го одобрил планот за реорганизација на стечајниот должник ДПТУ“ХООР”АД во стечај – Кавадарци. Со ова за правното лице од САД е прибавена противправна имотна корист од 108.251 акции и станува доминантен сопственик на акциите на правното лице ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци на кое правен претходник е „Орка холдинг“ АД Скопје. Правното лице од Швајцарија каде еден од крајните сопственици бил сега покојниот И.К. станува сопственик на 18.381 акција, па доверителот Министерството за финансии – Управа за јавни приходи Скопје е оневозможена да го наплати побарувањето во износ од 322.918.371,00 денари утврдено со решение на Основен суд Кавадарци.
Во јуни 2006 година на седница на Собранието на ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци на која двете правни лица – сопственици на капиталот биле застапувани од обвинетиот Н.Ј. е донесена одлука правното лице ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци повторно да се преименува во „Орка холдинг“АД Скопје. Обвинетиот Н.Ј. поттикнат од сега покојниот И.К. како полномошник на двете правни лица – сопственици на капиталот, во јули 2007 година, иако знаел дека 126.632 акции од „Орка холдинг“ АД Скопје се прибавени со кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ, склучил договор за купoпродажба. За износ од 21.588.000,00 денари на правно лице од Лугано му продал 99,88% од акционерскиот капитал, а правното лице било преименувано во Евро балкан груп. Во август 2012 година акциите повторно се продадени на правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје за износ од 61.380.000,00 денари, по што правното лице Евро балкан груп во септември истата година е преименувано во „Кара“АД Скопје со што бил прикриен изворот и сопственоста на акциите.
Правното лице „Кара“ АД Скопје како правен следбеник на правното лице „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ„ХООР“АД Кавадарци на 26.04.2022 година по претходно дадена сметка и износ од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција исплати износ од 320.918.372,00 денари на сметката на Управата за јавни приходи.
За останатиот дел од истражната постапка позната во јавноста како „Империја“, во која е опфатен период по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува, течат роковите во кои согласно закон обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и предлагање на докази. По истекот на овие рокови предметниот обвинител ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука.