Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за управување со одземен имот потпишаа меморандум за воспоставување систем за евиденција, податоци и управување со предмети – ЛЕРМС, финансиран од Европската Унија.
Со системот се воспоставува соработка и интероперабилност, а се зајакнува и меѓуинституционалната координација и размената на податоци во борбата против организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и финансирањето тероризам.
Според државниот јавен обвинител, координираната и брза размена на информации ќе придонесе за спречување на ширењето неточни и непроверени податоци, но и за зголемување на довербата во институциите и усогласување со европските стандарди.
“Податоците, вклучително и статистичките податоци треба да ни овозможат во секој момент да имаме детален преглед на трендовите на криминалитетот за навремено и успешно да ги пресретнуваме. Криминалот не познава граници, а криминалните структури дејствуваат брзо и ги користат најнапредните технологии. Затоа и нашиот одговор не смее да биде бавен, изолиран и заглавен во бирократски лавиринти”, рече Савески.
