Соопштенија

Потпишан Меморандум за соработка меѓу Јавното обвинителство на Република Македонија и Главното јавно обвинителство при Врховниот суд на Република Турција

Јавниот обвинител на Република Македонија, г. Марко Зврлевски оствари посета на Република Турција при што беа реализирани повеќе билатерални средби.

Посетата на Јавниот обвинител на Република Македонија беше во рамките на билатералната соработка што ја има македонското обвинителство со турското јавно обвинителство. При тоа, беше потпишан Меморандум за соработка со кој се потенцира важноста за јакнење и развивање на соработката и размената на информации меѓу турските и македонските органи за водење на истраги и борба против криминалот.

turcija 1

Со потпишување на меморандумот, г. Марко Зврлевски, Јавен обвинител на Република Македонија и г. Мехмет Акарџа, Републичкиот главен јавен обвинител на Врховниот апелационен суд на Република Турција договорија форми и начини на соработка во областа на борба против тероризмот, кривичните дела поврзани со корупција, меѓународниот организиран криминал, трговијата со луѓе и нелегалната миграција, неовластеното производство, трговија и шверц на оружје, муниција и експлозиви, нуклеарни и радиоактивни материјали, стоки и технологии со потенцијална двојна употреба, неовластеното производство и недозволена трговија со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, економскиот криминал и компјутерскиот криминал.

Во рамките на посетата, што е прва официјална посета на Јавен обвинител на Република Македонија на Турското јавно обвинителство беа остварени средби со првите луѓе на Врховниот суд на Република Турција, Академијата за судии и јавни обвинители на Република Турција, Основниот западен суд на Анкара и Националниот информативен систем за правосудството.

turcija 2

Јавниот обвинител на Република Македонија, г. Марко Зврлевски имаше состанок и со г.Бекир Боздаг, Министер за правда на Република Турција. На средбата беше разговарано за прашања од сферата на взаемната соработка во судството помеѓу двете земји.