Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 14 декември во попладневните часови, во близина на основно училиште во Шуто Оризари, осомничениот неовластено заради продажба држел 91,05 грама марихуана. Дрогата, спакувана во бела најлонска кеса, му била пронајдена и одземена при личен преглед.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност тој да го повтори делото.