Соопштенија

Поведена постапка против две лица за насилство во угостителски објект во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица, жители на Скопје, на возраст од 19 и 28 години, за кои постои основано сомнение дека го сториле кривичното дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените на 20 февруари 2021 година, околу 19:30 часот, во просториите на угостителскиот објект „Трибека„ во Скопје, заедно во група ги малтретирале, грубо навредиле и ја загрозиле сигурноста на две лица. Воедно, во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв. Осомничените заедно со еден од оштетените влегле во објектот, седнале на маса и го повикале второто оштетено лице да им се придружи. Откако оштетениот им се придружил, еден од осомничените веднаш започнал со тупаници да го удира по лицето. На ваквите дејствија се спротивставило лицето кое заедно со нив влегло во објектот, но осомничените почнале и него да го удираат со тупаници по лицето и носот, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Веднаш потоа, еден од осомничените изреволтиран од зборувањето по телефон на една од гостите , започнал вербално да ја навредува, го одзел нејзиниот телефон и го скршил, а потоа започнал да го крши и инвентарот во угостителскиот објект.

Во насока на натамошно непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување на мерка притвор за осомничените.